Press
Почнуваме нова ера во бизнис односите на Македонија со дијаспората
Интервју со Мајк Зафировски во Капитал
Како организација, Македонија 2025 го гради линкот што треба да ја подобри соработката помеѓу членовите на дијаспората и македонските компании. Инвестицискиот самит во Охрид , како прв од тој вид, веруваме дека ќе биде силна платформа која ќе помогне да се организираат идни настани и да се изградат нови партнерства. Треба време и напори за компаниите да развијат вистинска стратегија за експанзија, а Самитот и Македонија 2025 се тука за да помогнат со својата експертиза, искуство и меѓународни контакти.
Еден од најзначајните настани во организација на Македонија 2025 досега е претстојниот Глобален инвестициски самит, што од 18 до 21 октомври годинава ќе се одржи во Охрид. Самитот ќе се одржува под мотото: „Нови можности: Преку бизнис дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“. Целта на Самитот е да ги зајакне и унапреди врските помеѓу глобалната македонска заедница и бизнисите во Македонија како и да ги презентира македонските инвестициски можности пред претставниците на македонската дијаспора и останатите потенцијални инвеститори.
Г-не Зафировски, би сакал да објасните за нашите читатели за каков всушност настан се работи и какви ефекти очекувате од него?
Идејата да се организира инвестициски самит во Македонија не е нова, но ние сметаме дека оваа година е вистинското време да се почне со конференција од овој вид. Економијата ги чувствува последиците од кризата во еврозоната, а владата вложува големи напори за привлекување странски инвеститори. Истовремено, голем број на македонски компании ја разбраа важноста на извозот на нивните производи и услуги. Овие компании бараат партнери што ќе им поногнат да ги прошират своите бизниси, како во регионот, така и глобално.
Од друга страна, ние сме убедени дека постои голем неискористен потенцијал меѓу бизнисите од македонската дијаспора. Има многумина етаблирани претприемачи и сопственици на бизниси во македонската дијаспора, кои што водат успешни компании од различни сектори. Исто така, има многу Македонци, професионалци во бизнисот, кои што се на високи позиции во познати меѓународни компании, и имаат широка мрежа на соработници и експерти. Овие поединци се свесни за потенцијалите на Македонија и наше мислење е дека стануваат сè поотворени за можноста својата татковина да ја гледаат како потенцијална дестинација за инвестирање.
Сметаме дека Македонија 2025 е вистинската организација која што ќе креира платформа за да можат бизнис професионалците од Македонија и дијаспората да се запознаат едни со други, да разменат идеи и на крајот да работат на заеднички проекти. Нашата организација е енергична во пронаоѓањето на извонредни претприемачи и професионалци од дијаспората, но исто така бараме и силни и посветени домашни бизнисмени кои што сакаат да направат нешто повеќе за себе и својата земја. Ќе помагаме да се зајакне оваа мрежа на професионалци, а потоа ќе остане на самите членови да излезат со иновативни идеи за соработка.
Кои македонски компании може да учествуваат на Самитот и како, според вас, може да се подобри соработката помеѓу македонските бизниси и оние од дијаспората?
Бизнис можностите и областите за соработка се широки, но потребни се иновативни и проактивни луѓе за да ги искористат тие можности. На Инвестицискиот самит ги покануваме сите компании од Македонија што имаат извозен потенцијал, кои што активно бараат партнерства за глобална дистрибуција. Исто така, сите иновативни бизнисмени со предлози за инвестиции во различни сектори се добредојдени да учествуваат на Самитот, и ги охрабруваме да присуствуваат на билатералните средби со потенцијалните инвеститори.
Постојат бројни успешни примери на соработка помеѓу македонски и компании од дијаспората што ќе бидат истакнати на Глобалниот инвестициски самит. Ние сме во контакт со веќе етаблирани и многу успешни дистрибутери на македонски производи на странските пазари, кои што се повеќе од заинтересирани да пронајдат добри производи направени во Македонија со цел да ја прошират својата понуда. Нашата цел е да ги истакнеме и поддржиме овие успешни примери, а со тоа да им помогнеме на компаниите со идеи. Се надеваме дека учесниците на самитот ќе ги следат овие примери и ќе формираат профитабилни бизнис релации одржливи на долг рок. Исто така помагаме да се зголеми оваа соработка и преку зголемување на можностите на нетворкингот. Изминативе неколку години, членовите на Управниот одбор на Македонија 2025 имаа можност да се сретнат со истакнати македонски топ менаџери. Веруваме во нивниот потенцијал и сакаме да ги поддржиме нивните напори за развој на сопственото знаење и меѓународните контакти.
Минатиов јуни, имавме задоволство да се сретнеме со познати македонски бизнисмени на Македонскиот Голф Опен што се одржа во Торонто, Канада. За време на голф турнирот и приватниот ручек организиран од Македонија 2025, го претставиме Инвестицискиот самит, што предизвика голем интерес кај членовите од дијаспората. Како организација, Македонија 2025 го гради линкот што се надеваме дека ќе ја подобри соработката помеѓу членовите на дијаспората и македонските компании. Инвестицискиот самит, како прв од тој вид, веруваме дека ќе биде силна платформа која ќе помогне да се организираат идни настани и да се изградат нови партнерства. Треба време и напори за компаниите да развијат вистинска стратегија за експанзија, а Самитот и Македонија 2025 се тука за да помогнат со својата експертиза, искуство и меѓународни контакти.
На Самитот е најавено и присуство на светски топ менаџери: кои бизнис личности ќе ја посетат Македонија и која ќе биде нивната улога? Каков профил на учесници од страна на македонската дијаспора очекувате и дали ќе има инвеститори што имаат конкретни планови за инвестирање во земјава?
Поканивме повеќемина еминентни топ менаџери од светски компании да учествуваат како истакнати главни говорници на Самитот. Во моментов, имаме потврда за учество од Др. Курт Гајгер, директор на бордот на Рајфајзен Банк и Сами Елхаџ, главен оперетивен директор и член на бордот на директори на Нокиа Сименс Нетворкс, како истакнати експерти во своите области. Тие ќе се осврнат на меѓународните економски, политички, финансиски и технолошки трендови, споделувајќи ја својата визија и стратегии за глобалниот, европскиот и пазарите од југоисточна Европа.
Сами Елхаџ има повеќе од 22 години искуство во телекомуникацискиот бизнис и ќе го сподели своето огромно знаење за моменталната состојба на телекомуникациските и технолошките пазари, надоаѓачките трендови и предизвиците во оваа област, и ќе коментира околу новите пазари во развој. Исто така, тој ќе зборува за областите за развој и начините како да се зголеми релеванцијата на Македонија во светското технолошко окружување. Тој има многу што да сподели од своето претходно искуство во компании како Бел Канада и Нортел Нетворкс.
Курт Гајгер работел за најголемите банки за корпоративно и инвестициско банкарство во централна и источна Европа и поседува големо искуство и експертиза за состојбите на економиите во овој регион. Пред позицијата во Рајфајзен, тој имал висока лидерска позиција во Европската банка за обнова и развој, која што е најголем инвеститор во Македонија. Гајгер го следел развојот на Македонија изминативе две децении и има јасна претстава за нејзиниот економски напредок, како и за турбуленциите низ кои што мина економијата за време на транзицијата. Со нетрпение очекуваме да го слушнеме неговото мислење за моменталната состојба на македонската економија, и предизвиците што земјата треба да ги совлада.
Уште еден истакнат говорник што го потврди своето учество е Хубертус ван дер Варт, извршен претседател и ко-основач на СЕАФ. Како лидер на еден од најголемите прајват еквити и венчр капитал фондови во регионот, тој е извонредна личност за споделување на своите погледи околу достапните можности за финансирање за компаниите што работат во регионов, или планираат да ги прошират своите активности глобално. Исто така, тој ќе ги запознае потенцијалните инвеститори со финансиските инструменти што во моментов се нудат преку неговиот фонд, во проектно финансирање за индустриите и бизнисите, како за нови, така и за постоечки компании.
Веруваме дека преку овие истакнати личности ќе постигнеме позитивен моментум на работните панели, и ќе потврдиме дека земјата е спремна за следните чекори во економскиот раст и развој. Во поглед на тоа кои се потенцијални учсесници од редовите на македонската дијаспора, ние целиме кон професионалци и инвеститори што би сакале да се информираат за бизнис условите, односно да се едуцираат за предностите од инвестирање во Македонија, и што сакаат да запознаат странски инвеститори што веќе имаат бизнис во земјава, и од чие искуство може да научат. Се надеваме дека тоа ќе го поттикне нивниот понатамошен интерес со краен ефект – директна инвестиција во Македонија.
Кои беа главните активности на Македонија 2025 откако ја отвори својата официјална канцеларија во Македонија, минатата есен?
Македонија 2025 сега има две оперативни канцеларии, една во Индијана, САД и една во Скопје. Двете канцеларии работат заедно на формирање силна основа за проекти и активности што можат да ја засилат вклученоста на дијаспората во македонската економија, образование и целовкупното општество. Континуирано работиме на развивање ефективни стратегии со цел да им се помогне на македоските бизниси да се рашират глобално и комуницираме со странски инвеститори што се заинтересирани за Македонија. Следствено, работиме и на проширување и зајакнување на нашите програми за едукација, со чија помош млади бизнис професионалци може да ги развијат своите вештини преку академски и професионални искуства надвор од земјава. Им помагаме на локалните млади претприемачи и студенти со тоа што ги носиме во посета на успешни компании, а ги запознаваме и со успешни приказни од други општествени сектори во Македонија, за да се изгради верба и самодоверба кај нив, за тоа дека има добра иднина во нивната татковина.
Исто така развиваме и образовна иницијатива за идентификување еминентни членови на академските и научните кругови од редовите на дијаспората, ширум светот. Заедно со нив, работиме на развој и имплементација на програми што ќе го подобрат квалитетот на формалното и бизнис образованието, и ќе ги стимулираат активностите за истражување и развој. Ова се само неколку од тековните проекти на кои што активно работевме изминатава година.
Како ја оценувате соработката помеѓу Македонија 2025 и владините економски промотери? Дали сте имале некакви заеднички активности до сега во привлекувањето инвестиции?
Јас лично и нашата организација силно ја поддржуваме секоја иницијатива од Владата во насока на промоција на Македонија како дестинација за инвестирање. Тоа се напори што веќе почнаа да даваат резултати, но да бидеме свесни дека многу земји го прават тоа со децении наназад и ние само се обидуваме да фатиме приклучок. Светската економија и пазарните пореметувања очигледно не беа од помош за да се постигне и повеќе во периодот откако овие иницијативи на Владата беа почнати. Што значи дека секогаш има место за подобрување и постигнување на многу повеќе од она што е постигнато до сега. Потенцијалот е тука, но земјата треба да е конзистентна и упорна со својата стратегија. Ова се подразбира, но ќе истакнам дека за да ги постигне своите цели во привлекувањето странски директни инвестиции (СДИ), Владата треба да продолжи со инвестирање во добри и способни професионалци и да им назначи која е нивната цел, односно што треба да испорачаат. Сакам да истакнам дека ние имаме добар дијалог и соработка, како со Инвест Маседониа, така и со владиниот тим за привлекување СДИ. Веруваме дека ова е многу важна иницијатива и ние во Македонија 2025 формиравме специјален комитет во бордот за да и помага на Инвест Маседониа во нејзините напори за привлекување СДИ во земјата. Во тој контекст, имам тековна соработка со агенцијата, како и со Владата и обезбедуваме помош, дали преку идентификување на потенцијални насоки, менторство, обезбедување референци, и/или преку лобирање кај потенцијалните инвеститори.
Постојано зборуваме за странските директни инвестиции, но што мислите, колку бизнисмените од дијаспората всушност размислуваат за вложување во Македонија? Зошто Македонците од странство само испраќаат пари на своите блиски во татковината, а многу малку од нив практично решаваат да инвестираат во некој бизнис?
Убеден сум дека многу луѓе од дијаспората се заинтересирани да го задржат или заживеат линкот со татковината, а постои ли подобар начин да се покаже посветеност, од тоа да се искористи капитал и ресурси со цел да се “зацементира“ тој линк. Исто така мислам дека можностите се тука и умен бизнисмен секогаш ќе биде привлечен од шансата да направи поголем принос на својата инвестиција. На пример, еден од членовите на бордот на Макеодонија 2025, кој што има успешна градежна компанија во САД, користи исклучиво македонски архитекти, вработени во неговиот бизнис во Македонија, за сите негови проекти во САД, и тој тим го има изградено за кус период, изминативе неколку години.
Исто така имаме и млад Канаѓанец од македонско потекло (кој што е член на Македонија 2025 Џуниор бордот) кој што отвори ултрамодерна канцеларија во Скопје и пружа софтверски услуги на меѓународни клиенти. Се разбира, има и многу други Македонци што се вратиле во земјава и почнале бизниси. Така што, не мислам дека премисата во вашето прашање е сосема на место. Но, се согласувам, може и мора да се направи повеќе. Сметам дека нивото на интерес ќе се зголеми, но исто така е важно првите инвестиции да бидат успешни приказни за да се зголеми довербата кај останатите потенцијални инвеститори.
До неодамна, во бордот на Македонија 2025 членуваа претежно истакнати бизнисмени од дијаспората, а последниве неколку месеци ви се придружија и двајца големи бизнисмени што живеат и работат во земјава. Како е планирано да биде постигната синергијата помеѓу нив и останатите членови на бордот со цел да се максимизира ефектот од активностите на Македонија 2025?
Покрај членството на Зоран Мартиновски, ние сме многу среќни поради новите членови од Македонија – господата Минчо Јорданов и Живко Мукаетов. Нашата цел е да ги вклучиме македонските општествени и бизнис лидери да и помогнат економски на Македонија без географски ограничувања. Уште повеќе, силно сум убеден дека беше потребна алка во синџирот и следен чекор ова вклучување на локални бизнис лидери и сметам дека тие треба да имаат уште посилен мотив да и се придружат на нашата мисија, затоа што имаат најголем интерес за развој на инвестициите и економијата, како директни корисници од сите оние ефекти за кои што се залага Македонија 2025 – така што нашите интереси се многу поврзани.
Како сте задоволни од вашето досегашно искуство во инвестицискиот фонд Блекстоун? Кои се вашите моментални предизвици таму?
Презадоволен сум со мојот моментален ангажман. Тој е комбинација од обезбедување стратегиски и оперативен инпут на корпоративно ниво во Блекстоун, која што е една од најголемите инвестициски фирми во светот. Преку еден од своите бизниси ( огранокот за прајват еквити инвестиции), фирмата поседува бизниси со годишен приход што надминува 120 милијарди долари. Следствено, јас седам во бордот на две од компаниите во портфолиото на Блекстоун, и помагам во остварувањето на нивните стратешки цели, развојот на лидерски талент во нивните менаџмент тимови, како и поддршка во фокусирање кон стратешките приоритети. Мојот моментален ангажман во огромна мера се темели врз сето мое претходно искуство и го гледам како голем предизвик и прилика, како и привилегија да се работи за толку реномирана институција од Вол Стрит.
Што мислите, колку се промени, еволуираше менаџмент филозофијата откако почна кризата во 2007-2008 година? Кои се клучните квалитети што еден топ менаџер треба сега да ги поседува?
Менаџерите мора да се адаптираат многу брзо за да може да излезат на крај со помалата ликвидност и поголемата конкуренција во услови кога потрошувачите купуваат помалку, банките помалку позајмуваат, а како резултат имаме безмалку прекин во поглед на големите инвестиции – како резултат на неизвесноста предизвикана од настаните во еврозоната, промените во американската регулаторна област, итн. Така што, истите бизнис принципи и сега важат, но тие треба да се комбинираат со уште поголема ургентност и адаптибилност, фокусирање кон риск менаџментот и обид со помалку да се постигне повеќе.
Кризата да се искористи како шанса за побрз раст
Како искусен бизнис лидер, кои се вашите прогнози за развојот на економската ситуација во еврозоната; проблемите на САД со побавното економско закрепнување од очекуваното; помалиот раст на Кина неодамна објавен...
За жал, не се гледа брз опоравок за Европа. Многу економисти веруваат дека ќе требаат неколку години за да се излезе од кризата. Некои сметаат дека земји како Грција и Португалија треба да ја напуштат еврозоната, да направаат ребаланс на своите валути и дури и поголем долг додека се реструктуираат за повторен опоравок, додека други предупредуваат и дебатираат дека цената на сиот тој пакет за спас на еврозоната има смисла, затоа што цената на нејзиното распаѓање би била многу повисока. Летово, проблемите со еврозоната од Грција се насочија и кон Шпанија, која сега е исто така предмет на дискусии за пакет на помош, така што додека не се реши ситуацијата со Шпанија, сè останува во некаква состојба на парализираност. Следствено, имаше многу случаи на бегство на капиталот од еврозоната. Тоа е прилично маѓепсан круг што може да се види од страна на т.н. “зомби“ банки во Европа.
На пример пример, италијанските банки инвестираа голем дел од својот капитал во италијанските државни обврзници и ги зголемија тие позиции значително оваа година. Но, заради константната пазарна неизвесност и намалувањето на рејтингот на државните обврзници, банкарските менаџери не се баш сигурни како ќе бидат оценети овие хартии од вредност секој следен ден и какви загуби банките ќе претрпат заради овие вложувања – па, така ова е еден пример на поврзаноста помеѓу владините и бизнис проблематиките.
Како резултат на оваа неизвесност, тие не можат вистински да инвестираат во економијата преку кредити или да обезбедат ликвидност на системот што е потребно за да се стимулира раст.
Во Шпанија имате слична ситуација, исто така засилена од зголеменото портфолио на банките во областа на недвижностите, а на сето ова не помага Базел 3, која е нова банкарска регулатива што бара поголеми нивоа на капитална обезбеденост. Во САД, каде што поминаа речиси 5 години од пукањето на балонот на хипотекарниот пазар, се уште нема вистинско опоравување во банкарскиот и целовкупниот економски сектор, и покрај сите досегашни владини интервенции со фондовите за спасување. Тоа помогна, да, но далеку сме од тоа што треба да бидеме во поглед на бројките со вработеноста и растот на БДП. За разлика од Европа, САД извлече бенефит од прелевањето на капиталот во сигурната зона, односно масовното купување на државни обврзници, со што се обезбеди евтин капитал за да се финансира економскиот опоравок. Колку сето ова ќе трае никој не знае да каже, но за некого тоа обезбдува интересна иднина. Со претходново што го кажав (за кое што сум свесен дека само по себе не е многу мотивирачки), сè уште верувам дека е многу возможно за земјите во развој, како Македонија, да растат побрзо од глобалната или од економиите на еврозоната. Реалната ситуација во земјата со ниските трошоци за странските бизниси, расположивата работна сила (делумно и како резултат на високата невработеност), стратешката локација, атрактивните даночни стапки и стимулациите за инвеститорите, треба да се конкурентска предност за развој. Но, ќе треба верба, брзо дејствување и решителност за да се придвижи земјата напред, од страна на сите засегнати страни – работодавците, вработените, владата, образовниот систем и дијаспората
Организацијата Македонија 2025 е основана во 2007 година во Краун Поинт, Индијана од страна на угледни членови на македонската дијаспора. Својата канцеларија во Скопје организацијата ја отвори во 2011 година. Посветена е на позиционирање на земјава како преферирана дестинација за директни странски вложувања, промовирање на транспарентно управување и корпоративни практики, креирање на просперитетна клима за претприемаштво. Македонија 2025 е предводена од Мајк Зафировски, кој е претседател на Бордот на директори. Потрпертседател на Бордот на директори е Роберт Арсов, а членови се Алекс Кормушов, Џон Битов,Андреј Пејков, Митре Кутановски, Емил Христов, Алекс Кормушов, Вера Ставроф и Зоран Мартиновски, кој е на чело на канцеларијата на Македонија 2025 во Скопје. Од неодамна членови на Македонија 2025 година се и Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален менаџер на Алкалоид и Минчо Јорданов, претседател на Бордот на директори на Макстил.
Најпознатиот Македонец во корпоративна Америка
Мајк Зафировски, единствениот Македонец што до сега бил на водечки менаџерски позиции во гиганти како американските Џенерал електрик и Моторола, каде што помина повеќе од 30 години од својата кариера. Крупна корпоративна ѕверка, чијшто потпис стоел на одлуки што засегале десетици илјадници вработени и предизвикувале поместувања на берзите “тешки” десетици милијарди долари. Заминат на 16 години со своите родители во САД, знаејќи едвај неколку збора англиски, Зафировски успеа со својата упорност, жед за знаење и страст за успех да се искачи на највисоките скалила на бизнисот и општеството. А имал и од кого да учи. Ментор во Џенерал електрик му бил Џек Велч, жива легенда на менаџментот, којшто го инспирирал со својата посветеност кон компаниските резултати и начинот на мотивирање на вработените.
Зафировски имаше неверојатен успех и во Моторола, каде што направи тотален пресврт во резултатите на нејзиниот најголем оддел, тој за мобилна телефонија, а потоа следуваше епизодата во канадски Нортел, каде што, за жал, преголемите проблеми во коишто беше заглавена фирмата пред неговото доаѓање и светската криза што удри во 2008 година не му дозволија да го оствари својот план за нејзино реструктурирање.
Зафировски сега е советник во инвестициската компанија Блекстоун, една од најголемите светски фирми од областа на привате ељуитѕ финансирањето. Своето искуство, знаење и контакти последниве 6-7 години ги користи за помагање на економскиот развој на земјава преку членство во бордот на организацијата Македонија 2025, платформа формирана од угледни претставници на македонската дијаспора, која што во октомври минатата година свечено ја отвори својата канцеларија во Скопје.
Глобален инвестициски самит 2012
Светската и домашната бизнис елита се собира во Охрид
Глобалниот инвестициски самит во Охрид ќе се одржува под мотото: „Нови можности: Преку бизнис дијаспората до зголемена трговија, инвестиции и економски раст“. На пленарнитe сесии и работни панели се очекува да присуствуваат близу 200 учесници, врвни бизнисмени од Македонија и од дијаспората кои имаат желба за инвестирање во Македонија, владини претставници и бизнис лидери на познати меѓународни компании.
Темите кои ќе бидат опфатени на Самитот се поделени во 6 панели и тоа:
Глобални економско-политички перспективи
Услови за водење бизнис во Македонија
Инвестициската клима во Македонија: искуства од постоечките странски директни инвестиции
Глобално конкурентни македонски производи и услуги: успешни модели на деловна соработка
Финансирање на инвестициите и извозот: од микро-финансирање до капитални финансиски инвестиции.
Соработка со дијаспората во насока на создавање економски можности.
На Самитот ќе присуствуват високи гости говорници од Владата, ќе биде и премиерот Никола Груевски, истакнати министри и останати претставници на владините институции. Ќе присуствуваат и истакнати менаџери на светски реномирани компании, меѓу кои Сами Елхаџ, главниот оперативен директор на Нокиа-Сименс Нетворкс, Курт Гajгер, директор на Одборот на Раифајзен Банка, Мајк Зафировски, претседател на Одборот на oрганизацијата Македонија 2025 и висок советник во Блекстоун Груп од САД, Џон И. Битов, мнозински сопственик на Обелиск од Канада и член на Одборот на Македонија 2025, Роберт Арсов, директор на дивизијата за инвестициско банкарство на Кредит Свис и член на Одборот на Македонија 2025 и останати врвни бизнисмени од земјава и од странство, истакнати политички фигури и претставници на дипломатскиот кор.
Идентификувани се неколку конкуретни сектори од кои се очекуваат учесници како:
Инфраструктура, енергетски и природни ресурси;
Информатичко-компјутерски технологии;
Произвoдство и индустриски гранки;
Агробизнис и преработка на храна;
Недвижности, градежништво и туризам и
Финансиски услуги.
Заклучоците кои ќе произлезат од Самитот ќе содржат препораки и очекувања од врвните бизнис лидери од Македонија и дијаспората чија цел ќе биде да се поддржат, поттикнат и унапредат напорите за инвестирање во земјава.
Original text : http://kapital.com.mk/mk/magazin.aspx/87116/pochnuvame_nova_era_vo_biznis_odnosite_na_makedonija_so_dijasporata.aspx?iId=2867
